Додека народот чека ВМРО-ДПМНЕ да почне нешто да работи како власт и да ги исполни изборните ветувања, тие снимаат прес-конференции на кои со драматично изнесување на лаги сакаат да ја дефокусираат јавноста од нивните скандали кои ја тресат актуелната власт, вели ексминистерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.
„За да ја сокријат неспособноста на нивната влада и досегашните злоупотреби на службената положба на нивните коалициски партнери, ВМРО-ДПМНЕ на многу низок начин, со фабрикување лаги се обидува преку поранешни функционери на СДСМ да избегне одговори и одговорност во своите редови.
Доколку имаат било каква индиција за криминал односно криминално работење од моја страна во Министерството за култура ги охрабрувам да поведат постапка пред надлежните инстанци. Бидејќи нема, затоа ВМРО-ДПМНЕ се реши на прес конференции да лови во матно каде нема ниту едно прекршување на законите и со ширење на невистини.
Објавувам еден од доказите дека не сум користела буџетски средства ниту службена картичка за купените куфери.
Министерот Љутков и неговиот тим, близок до нивна поранешна министерка позната по купување на брендирани чевли, ташни и фустани, нека се занимаваат со македонската култура наместо да губат време на гуглање на продавници од каде сум купувала за правење драми пред јавноста“ пишува на Фејсбук Костадиновска Стојчевска.