Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска заедно со дополнителните заменици министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика – Митко Бојмацалиев и Јованка Тренчевска, беше во работна посета на Општина Кривогаштани каде направи увид во проектите за кои од Програмата за капитални дотации во културата се издвоени 7,5 милиони денари.
Костадиновска-Стојчевска истакна дека водени од желбата за инвестирање во културните објекти и потребата за обезбедување услови за достапност на културата за сите и во секоја општина соработката со Општина Кривогаштани која започната минатата година продолжува и годинава.
„Со градоначалникот, Мискоски направивме увид во завршната фаза од проектот со кој оваа општина за прв пат од своето постоење доби средства од Министерството за култура, а со кој се изврши пренамена и адаптација на општинската сала во мултифункционална сала за реализација на културни настани. Со тоа овозможуваме побогат културен живот за сите граѓани како и реализација на настани кои ќе придонесат за негување и заштита на богатата традиција на овој крај”, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека со средства добиени од програмата за капитални дотации годинава ќе се реализира и проектот со кој ќе се заштити, партерно ќе се уреди и ќе се облагороди просторот околу библиотеката и музејот во оваа општина.
Костадиновска-Стојчевска ги поздрави иницијативите и ангажман за подготовката и реализацијата на проектите што претставува уште една потврда за, како што кажа, одличната соработка меѓу локалната и централната власт во унапредувањето на културата и задоволување на потребите на граѓаните во оваа општина.