Навистина ми е големо задоволство што можам да кажам дека 10 годишниот процес на реституција која што е прва од тие размери во регионот заврши со враќање на 20 икони од Република Албанија во Република Северна Македонија, рече Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура, за Канал 5.
-Тоа се икони кои во период од 2013 година беа украдени од црквите од охридскиот, струшкиот, дебарскиот и реканскиот крај. Меѓу тие икони кои датираат од 18 век и првата половина од 19 век, се дел од иконите на познатиот зограф – Дичо Зограф кој што знаеме дека е навистина познат особено за неговото делување во реканскиот крај – рече министерката.
Таа посочи дека тие се во Музеј на Северна Македонија и ќе останат таму за да го поминат процесот на конзервација и после тоа ќе бидат изложени за пошироката јавност.
-Тие претставуваат заштитено културно добро и ќе се погрижиме да го вратиме сјајот кој што го имаа за цела јавност да ги види – рече Костадиновска Стојчевска.
Министерката информираше дека има уште 37 икони кои се препознаени дека се од црквите во нашата држава. За 33 од нив веќе е доставена документација, а веќе наредна недела ќе биде доставена и останатата документација за да може да се докомплетира целиот процес.
-Сега веќе го знаеме и процесот кој е и тоа ќе биде пократок период, не како овој сега кој што траеше интезивно 2 години. Се надевам дека вториот процес од иконите ќе оди навистина многу побрзо и тие повторно ќе го имаат истиот процес. Ќе се вратат тука во Музеј на Северна Македонија каде што повторно ќе го поминат процесот на конзервација и реставрација и повторно исто така ќе бидат изложени пред да и бидат вратени на црквата бидејќи тие се нивно сопствеништво – посочи Костадиновска Стојчевска.