„Без потпишан Договор и платени комуналии не може да се издаде одобрение за реконструкција. Арсовска како градоначалник би требало да знае подобро од сите нас дека Градот на овој начин е вклучен во процесот на давање на одобрение на реконструкција и дека тоа последниот чекор пред Општина Центар да издаде одобрение за реконструкција“ изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на прес-конференција, реагирајќи за обвинувањата изнесени од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Министерката додаде дека Арсовска би требало да знае и дека проектот кој таа го оспорува има добиено позитивни мислења од сите институции и ревиденти како и од ИЗИИС кој го оцена проектот како безбеден и притоа тие документи и мислења се прибавени од Град Скопје, а не од Министерството.
Костадиновска-Стојчевска додаде дека Министерството за култура по основ на Договорот склучен со Град Скопје се обратило до сите правни лица кои се јавуваат како чинители во реконстукцијата и по службена должност ги обезбедило сите документи кои од страна на градоначалничката не биле доставени, со цел ефикасно и непречено продолжување на процесот.
„Проектантот кој го има донирано проектот на Град Скопје, во двете фази, по барање на Министерството го достави и кај нас затоа што повторувам: Во Договорот склучен со Град Скопје министерството како нов инвеститор има обврска да ги преземе сите дејствија, кон сите правни лица со кои Градот има склучено било каков договор“ рече министерката.