„ВМРО-ДПМНЕ и на верски празник продолжува со фабрикувани лаги и невистина за мене“.
Вака денеска реагираше пратеничката и поранешна министерка за култура – Бисера Костадиновска Стојчевска на новата прес-конференција на Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ за наводни злоупотреби со нејзината службена картичка.
„Сакам граѓаните да знаат дека за службеното патување е избрано многу поевтино сместување од хотел или луксузни бизнис карти како оние на Мицкоски и неговите министри од 20.000 евра“, посочува на социјалните мрежи Костадиновска Стојчевска.
Пратеничката од СДСМ истакнува дека ова се само обиди да „дефокусираат за нивното досегашно трошење и аздисување на Гаши и неговите сватови, како и немањето изговор зошто во буџетот најдоа пари за општините на своите градоначалници, но не и за наставниците и покачувањето на минималната плата, ДПМНЕ со вакви напади кон мене на драматични пресови ја дефокусираат јавноста“.
„Тие сакаат постојано да се занимаваме со нивните лаги. Ако има нешто незаконско нека ме тужат, но бидејќи нема, се служат за конструкции“, нагласува Костадиновска Стојчевска.