Костадиновска-Стојчевска: Платите на културните работници повисоки за 10%

by Fokus

Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска во вестите на Канал 5 тв изјави дека вработените во институциите кои спаѓаат под Министерство за култура добија покачени плати за 10%, согласно стапувањето на сила на општиот Колективен договор кој се однесува на сите вработени во јавен сектор. Таа напомена дека останува активен и Колективниот договор на Синдикатот за култура.

„Вработените во институциите кои се под Министерството за култура веќе ги имаат своите плати на нивните сметки. Меѓутоа она што се јави како забуна кај нив беше кога моравме да направиме измена на нивните решенија за плата, бидејќи претходно во преговорите со репрезентативниот синдикат во областа во култура, не успеавме да постигнеме договор за потпишување на Анекс на Колективниот договор како што го направија и другите сектори и токму затоа моравме да имаме правен пат, односно правен механизам врз којшто Министерството за финансии ги исплатил нивните плати“ – рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа појасни дека ова зголемување од 10%, се однесува на сите вработени во јавен сектор и затоа било потребно да се изменат решенијата за плата, во кои е објаснето дека сега ова покачување се однесува на друг Колективен договор и затоа мора да имаат изменети решенија бидејќи се изменува нивната плата.

„Она што се случи како забуна е тоа што еден дел од вработените одбија да ги потпишат тие решенија за плата каде што стоеше дека нивните плати се покачени за 10 отсто и како такви ќе се исплаќаат заклучно со март 2024 година. Што значи дека во март 2024 година кога повторно ќе имаме зголемување на минималната плата бидејќи како Влада сме го поставиле тоа како цел и како определба дека минималната плата ќе продолжи да расте, тие ќе мора повторно да имаат нови решенија за плата, коишто апсолутно нема да им го минираат нивниот колективен договор потпишан во 2019 година, туку само ќе ја имаат нова плата којашто ќе се пресметува по поволното право“ – објасни министерката Костадиновска-Стојчевска.

Поврзани новости