Костадиновска-Стојчевска: Откривме дека девет чувари биле пишани дека работеле во еден ист ден во музеј

by Fokus

Колку што треба да се инвестира во човечкиот капитал, толку треба да се прават и капитални инвестиции во установите, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска гостувајќи во „Утрински брифинг“.

– Со репрезентативните синдикати од културата разговаравме за зголемувањето на платите во културниот сектор. Од нивна страна имаше предлог за кратење на капиталните инвестиции, но и за кратење на културната програма, нагласи Костадиновска-Стојчевска, додавајќи дека се во ред барањата на културните работници за раст на платите, но дека посакува солидарност во услови на кризите што ја зафатија државата.

Таа предложи постојните плати да останат непроменети шест месеци, а потоа да се најде решение за нивно зголемување.

– Имаме четири зголемувања на платите од 2017 година, иако во еден период дел од фелата беше под мерки и не работеше. Сметав дека ќе најдеме солидарно решение, шест месеци да се земаат сегашните плати, а понатаму да најдеме решение за зголемување, рече Костадиновска-Стојчевска, додавајќи дека освен три струки, кои сега се усогласиле со минималната плата, сите други во изминативе години имале покачувања во просек од две до девет илјади.

Таа потсети дека според Законот за минимална плата, постои рок од шест месеци за усогласување на платите, нагласувајќи дека до тогаш никој нема да остане без плата.

Костадиновска-Стојчевска истакна дела во фаза на формирање се и работните групи за новиот колективен договор во културата, во чија работа ќе бидат вклучени сите засегнати страни, изразувајќи надеж дека ќе биде постигнат договор со репрезентативните синдикати кои бараат усогласување на останатите плати со минималната плата.

Министерката призна дека имало доцнење со платите во културата, потенцирајќи оти тоа било поради злоупотреби со новиот Закон за недела да биде неработен ден.

– Откривме дека девет чувари биле пишани дека работеле во еден ист ден во музеј, рече Костадиновска-Стојчевска, додавајќи дека културните установи исто така доцнеле и со административното пријавување за тоа кој треба да работи во недела, како и дека имало одредени недостатоци во однос на теренскиот издаток.

Костадиновска-Стојчевска нагласи дека со синдикатите се согласиле дека овие утврдени недостатоци ќе бидат адресирани во новиот колективен договор со цел да се дообјаснат работите за да нема доцнење на платите, но и дека се разговарало и за освежување на кадрите, како и за реевиденција на тоа кој делува и работи во културата и кој и колку си ги исполнува работните задачи.

Поврзани новости