Најстроги казни за уништување на културното наследство, очекува министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, откако денеска беа приведени девет лица поради рушењето на „Ан хотел Шар“ во старата скопска чаршија.
-Во оној момент кога влегоа багерите, морам да признаам, тогаш беше алармирано прв пат, ние не знаевме за постапката која што се водела, таму веќе некој издал дозвола за реконструкција и за рушење. Во истиот момент ние реагиравме и таму заедно со државен градежен инспекторат се запре уривањето, меѓутоа штетата беше направена, и оттогаш морам да признаам, чекавме истрагата да заврши, рече министерката во гостување на телевизија Телма.
Покрај деветмината уапсени полицијата трага по уште две лица кои се во бегство. Единаесетмината се товарат за злосторничко здружување, оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство, а петмина државни службеници се товарат и за злоупотреба на службената положба и овластување.
-Јас се надевам дека ова ќе се расветли, сите што се одговорни, без разлика која функција ја носат, ќе одговараат пред законот, бидејќи културното наследство е уставно пропишана категорија, што значи дека е над сите други закони кои што владеат во заштитата на културното наследство и ќе бидат најостро санкционирани, бидејќи ова не можеме и не смееме да си го дозволиме, порача Костадиновска Стојчевска.