Костадиновска-Стојчевска: Македонскиот јазик не е и нема да биде прашање за преговори или компромиси

by Fokus

„Македонскиот јазик не е и нема да биде прашање за преговори или компромиси. Повикувам и инсистирам веднаш да се свика Комисијата за култура во Собранието и да се усвои Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик“ напиша на Фејсбук министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Во објава се вели: „Упатувам јавен апел до претседателот на Комисијата за култура во македонското Собрание, Кастриот Реџепи да ја активира работата на Комисијата и да обезбеди амандманска расправа за Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик“.

„Секое одложување на овој процес е во директна спротивност со меѓусебното и меѓукултурно почитување на различните заедници во нашето општество. Јазиците се средство за комуникација, но и културно наследство и идентитетско обележје, а македонскиот јазик е прв официјален јазик на нашата држава. Неговата заштита, промоција и употреба е приоритет кој мора да биде обезбеден и испочитуван.

Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик е изготвен и усогласен со Советот за македонски јазик, а во негова изработка учествуваше и пошироката стручна јавност.
Носењето на новиот закон е поддржано од сите пратенички групи кои изразија подготвеност амандмански да учествуваат во неговата финализиција.

Затоа, уште еднаш апелирам до претседателот на собраниската Комисија за култура, Кастриот Реџепи да покаже политичка одговорност кон македонските граѓани за важноста од донесувањето на овој закон“ стои во објавата на министерката.

Поврзани новости