Костадиновска-Стојчевска: Додека Владата им помага на општините, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ одат на егзотични патувања

by Fokus

„Последните две години градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ се жалат од централната власт, а забораваат дека Владата не престана да инвестира во локалните самоуправи. Од друга страна, слушаме дека се прават егзотични патувања на крај на октомври“ рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во утринската програма на „Слободен печат“, која денес се реализираше во соработка со „Градска.мк“.

Таа додаде дека додека Министерството за култура се бореше за задржување на статусот на УНЕСКО на охридскиот регион, општина Охрид носела одлуки кои се косат со сите начела на УНЕСКО.

„Носеа одлуки за менување на национален интерес. Десет дена по одлуката објавија повик со кој ќе издадат одредени плажи и ќе одат спротивно на препораките на УНЕСКО“ рече Костадиновска-Стојчевска.

Во нејзиното гостување во „Слободен печат“, министерката исто така рече дека и со последниот ребаланс, сите општини добија средства од централниот Буџет, но настанале кавги за како тие средства да се наменат.

„Централната власт и тоа како вложува во општините, без разлика од која партија е градоначалникот, но она што го видовме како фидбек е дека се зголемуваат цените на комуналните услуги, цените на паркинг, кои влијаат врз зголемување на животниот стандард на граѓаните“ рече Костадиновска-Стојчевска.

„Колективниот договор во културата е придобивка обезбедна од оваа власт. Потпишан е во 2019 година и е еден од подобрите во регионот. Преземен е веќе во Црна Гора, а имам информација дека и други земји го разгледуваат“ рече министерката.

Таа додаде дека со овој договор се овозможува постојано покачување на платите на култирните работници согласно покачувањето на минималната плата во државата.

„Имавме ситуации каде докотори по наука по етнологија, но и археолози, конзерватори, долги години заработуваа плата која беше под секое ниво на она образование што го имаат. Сега со секој буџет прво се обезбедува проектираното зголемување на нивните плати“ рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката додаде дека недоразбирањето во септември во врска со покачувањето согласно општиот колективен договор е разрешено и потенцираше дека општиот колективен договор е засебен документ и не го заменува колективниот договор за култура.

„Прв пат по долги години сектор култура доби исплата на регрес за годишен одмор или К-15. Низ некои неформални разговори со вработените, тие се присетија дека последниот регрес за годишен одмор им бил во 2004 или 2005 година, но не можеа да се сетат дали бил во пари или во продукти“ рече Костадиновска-Стојчевска.

 

Поврзани новости