Костадиновска-Стојчевска: Буџетот за филм ниту е скратен ниту е допрен со ребалансот – имаат доволно средства за обврските, директорот да направи планови за исплати

by Fokus

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, одговарајќи на новинарско прашање информираше дека утрово имала средба со филмските работници на која ги уверила дека не постои никакво кратење средства за македонскиот филм.

Министерката пред јавноста ги презентираше двете сметки на Агенцијата за филм, буџетската и сопствената, потенцирајќи дека сметките ги покажала и пред филмските работници и уверувајќи дека таму има доволно средства за исплата на сите обврски преземени кон филмските проекти и дека истите не се воопшто предмет на ребалансот кој го прави Министерството за финансии.

-Во ниту еден момент буџетот на Агенција за филм не бил скратен – не се точни информациите дека се кратени средства, некој погрешно ги информирал филмските работници, рече Костадиновска – Стојчевска.

Таа изјави дека Агенцијата за филм има реализација на средства од сопствената сметка од само  триесет проценти, иако е веќе втора половина на септември и додаде дека Агенцијата има и тоа како доволно средства за да ги исплати сите филмски проекти кои ги исполнуваат условите.

-Ребалансот на буџетот никако не го допира буџетот на Агенцијата за филм. Обврска на директорот е да прави планови за реализација и исплата на обврските кон проектите кои веднаш ќе бидат потпишани, изјави таа.

Поврзани новости