За разлика од порано, кога Министерството за култура даваше милиони за филмови и документарци кои никогаш не ги видовме, сега буџетски средства се издвојуваат неселективно и транспарентно за поддршка на културата, при што нема географски, етнички и слични критериуми, туку врз основа на строго дефинирани услови, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на брифинг со новинарите.
–Изборот го прави 5 члена стручна комисија, која има и офицери за врска, чија задача е да даваат административна и друг тип помош. Немало ситуација средства да се доделат на организација во чии структури бил член на комисијата. Тие го вршат иборот и секоја нивна одлука е аргументирана и јас одлучувам врз основа на тоа – рече Костадиновска-Стојчевска.
Притоа, додаде таа, секој апликант и корисник на средства според годишната програма за култура има право на жалбена постапка. Според неа, подобро да се користи овој механизам, наместо да се троши време на собирање лајкови на фејсбук и разни дисквалификации на лична основа.
-Почнавме да добиваме мејлови за одбивање на проекти поради манипулативен медиумски притисок, вака ли некој сака да ја моделира културната сцена – рече таа, посочувајќи дека откажан е проектот за чистење на споменици, па сега таа обврска ќе им остане на општините.
Воедно, додаде дека млади уметници кои студирале во странство и добиле средства за поддршка од Министерството за култура се дискредитираат во јавноста само затоа што доаѓаат од Битола, од каде што доаѓа и таа како министерка. Според неа, тоа прави голема штета врз културата.
-Две уметнички од Битола добија средства за изработка на накит со мотиви од азбуката и на гардероба со народни мотиви. Точно е дека се познавам со нив, како што ги познавам и оние што ме напаѓаат. Сум била професорка, Битола е мал град, се знам со сите. Дали заради тоа треба да ставиме крст на цела култура сцена на Битола – праша Костадиновска-Стојчевска.
Исто така, го спомена и примерот со „Рациновите средби“, чија организација сега за првпат Општина Велес ја препуштил на тукуштоформирано граѓанско здружение, а критериумите налагаат организаторот да има успешна работа последните 7 години или пак ако првпат организира настан мора да истакне јасен концепт.