Советничката на ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода, Даниела Костадинова реагира на нечистотија во општината. Од партијата велат дека иако градоначалникот Филип Темелковски пред изборите ветувал чиста и еколошки здрава општина, ефикасен одвоз на смет, чисти улици и намалено загадување, на терен е спротивно.
„Веќе со недели, цела Кисела Вода тоне во отпади, диви депонии. Поплаките на граѓаните се секојдневни, а постои и сериозна опасност од ширење на заразни болести. Темелковски и самиот во својата програма напиша дека контејнерите преполни со смет претставуваат опасност која може да предизвика ширење на зарази, а сега кога седна во својата фотелја очигледно заборави каква опасност за граѓаните тоа всушност претставува“, рече Костадинова.
Таа обвини дека ѓубре има насекаде по улиците и тротоарите, по парковите и зелените површини.
„Неспособноста на Темелковски и луѓето околу него е очигледна за сите. Неговата неспособност го загрозува здравјето на сите граѓани, а ваквата нехигиена на јавниот простор може да предизвика сериозни здравствени нарушувања кај граѓаните од општината“, рече Костадинова.