Долгогодишна врска исполнета со љубов и разбирање, романтично запросување во хотел во Бугарија, со дијамантски прстен во јануари минатата година, и кога јавноста очекуваше вести за свадбена веселба, се објавија приказни дека свршувачката на струмичкиот градоначалник Коста Костадинов со битолчанката Марија е раскината.
Костадинов (32) во минатото раскажуваше дека со Марија се запознале преку заеднички пријатели, а другарството подоцна прераснало во љубов. Не криеше дека е среќен што ја има во животот, бидејќи таа имала големо разбирање за сите обврски кои ги носи неговата професија.
Раскажуваше дека го сакаат планинарењето, заеднички се грижат за Лана, кучето кое го вдомиле, а ја покажа и својата романтична страна кога ја објави фотографијата од свршеничкиот прстен, со емотивна порака.
– Животот ми овозможи да те запознаам, Бога пушти знак да се препознаам себеси и да си го препознаам животот со тебе. Нека љубовта трае до последниот атом. Затоа што си моја, затоа што те сакам. Од овде до небото и назад- објави Костадинов во јануари 2021 година.
Токму поради хармонијата во која живееше парот, веста за нивната разделба, која веќе се објави во повеќе медиуми, предизвика изненадување во јавноста. На прашањето на ,,Фокус” околу темата која е актуелна деновиве, дека ја раскинале свршувачката со Марија, тој не сакаше да открива детали.
-Темата е навистина приватна, не би ја коментирал – кратко одговори. Инаку, Костадинов е дел од политичката сцена повеќе од десет години.
Започнал како претседател на младинската организација на СДСМ во Струмица, а потоа беше и член на општинскиот Совет. Беше заменик градоначалник во времето кога на чело на општината беше Зоран Заев, а од декември 2016 се до изборите во 2017 година беше градоначалник на Струмица. Од ноември 2017 година стана пратеник во Собранието на Македонија, а од октомври лани повторно е градоначалник.
Поранешниот премиер Зоран Заев, за време на митинг минатата година, изјави дека кога го гледа Костадинов, како да се гледа себе, во 2005 година, кога за прв пат бил избран на чело на Струмица.
-Ги имаме истите елан и енергија, кажа тогаш Заев за својот млад сограѓанин и сопартиец.
Вики Клинчарова