Костадин Костадинов од СДСМ и Жан Дрвошанов од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја водат битката за освојување на мнозинството гласови на локалните избори за градоначалник на Струмица. И двајцата имаат многу ветувања за струмичани, а дали и кој од нив ќе ги исполни, ќе дознаеме после изборите.
„Фокус“ направи интервју со двајцата кандидати кои ќе се обидат Струмица да го направат подобар град за живеење во иднина.
„Со кандидатурата за градоначалник имам намера да се насочам 100% кон моето родно место. Сметам дека токму на ваков начин, со локален пристап, чекор по чекор може да се даде придонес за целокупната слика и добросостојба за нашата татковина, најнапред, поаѓајќи од грижата за сограѓаните“, вели Костадинов.
Неговиот противкандидат, Жан Дрвошанов по професија е економист, кој е сопственик на своја фирма за сметководство и консалтинг во Струмица. Тој вели дека најголем адут на овие избори е мотивот на народот, критикувајќи дека ветената програма во последниот мандат во Струмица од СДСМ, не била реализирана.
„Тоа е доказ дека едноставно СДСМ нема намера да работи ниту на локален ниту на национален план. Можеби веќе премногу бизнис интересите започнаа да ја контролираат политиката. Дојде до сериозна поделба на граѓаните во општината на оние кои се блиски и привилегирани од власта и оние кои не се. И, се разбира постои една група во врвот на власта која енормно се збогати“, смета Дрвошанов.
Иако и на двајцата кандидати им поставивме конкретно прашање за нивните планови за Струмица, и од Костадинов и од Дрвошанов добивме дипломатски одговори.
„Мојата визија за Струмица е јасна ‐ Општина препознатлива по силни економски параметри; Општина ‐ пример за планирање и реализација на европски проекти; Општина во која социјалната инклузија е нормално секојдневие и во која младите ќе гледаат потенцијал и иднина. Максимална транспарентност и отчетност, со точно и навремено делување и работа во сите сегменти кои се од суштинско значење за Струмица“, додава Костадинов.
Од друга страна, неговиот противкандидат од опозицијата анализира дека во неговата програма нема неостварливи проекти во градот и фрлање прашина во очите на граѓаните.
„Верувам дека СДСМ има многу голема и евентуално сложена програма со многу проекти. Има програма затоа што нема реален отчет. Како после 16 години секогаш имаат проекти и идеи за работа, а на теренот нема ништо. Не смее да постојат луѓе кои не ја работат својата работа. Резултатот од тоа е дека Струмица е загадена, небезбедна и со многу проблеми кои ги измачуваат граѓаните. Градот има потреба од развој на стопанството, нови вработувања и повисок стандард, развиено и извозно ориентирано земјоделие“, анализира Дрвошанов.
Струмица има потреба од посебно внимание на загаденоста на воздухот и одржувањето на хигиената кои се многу важни за здравјето на граѓаните, раскажува Дрвошанов, додавајќи дека со неговиот тим подготвиле проекти кои вклучуваат создавање на нови капацитети за учениците и децата и нови содржини за спортување и културно живеење.
Премиерот Зоран Заев за првпат стана градоначалник на Струмица на 31-годишна возраст, исто колку што има и Костадинов. Тој смета дека токму тоа е неговата предност на овие избори.
„Со себе немам и не носам никаков багаж. Имам снага, желба, знаење и искуство и 100% сум подготвен да ги вложам во мојата Струмица. На овој начин, сигурен сум дека и јас, лично и професионално, а и
Општината ќе се движиме на патот кон уште поголем напредок и развој. Не сакам да се споредувам со претходните градоначалници“, додава кандидатот на СДСМ.
Дрвошанов, кој е речиси 30 години повозрасен од Костадинов, смета дека на градот му треба човек со богато животно искуство, стекнато со личен труд.
„Никогаш не се потпрев на државните пари. Ниту некој од моето семејство има државна работа. На младите во современиот свет, местото им е во политиката. Но, прашање е економската и политичката средина од која се потекнува и намерата. Кога бев млад се борев против тоа одредена директорска или партиска фела да форсира некој наш врсник без особени карактеристики но, за жал тоа стана и принцип во демократијата“, додава Дрвошанов.
Костадинов не сака да остава ништо на случајности и се консултирал со премиерот Зоран Заев, во однос на тоа како се менаџира општината, со цел да добие подобра слика за тоа што би го чекало при евентуална победа на изборите. Но, како тој реагира на критиките од јавноста?
„Подеднакво ги вреднувам и критиките и пофалбите, дури можеби и повеќе се радувам и ценам искрена, конструктивна критика. Затоа што единствено така, со издржана и критика на место, можеме да се развиваме и да одиме напред. Убеден сум и верувам дека ваков пристап е од голема важност, пред се за
професионалниот развој на еден политичар“, смета Костадинов.
Неговиот противник во оваа битка, Дрвошанов за крај даде збор-два за неговиот противкандидат од владејачката партија.
„Јас не знам со какви лични способности располага Костадинов. Не го познавам лично, се надевам дека имаме пред нас млад човек со капацитет. Што се однесува до политичката активност на Костадин Костадинов можам да кажам: не ми оставил впечаток дека како млад политичар особено енергично се заложил за Струмица“, порача Дрвошанов.
Фото – ФБ-страници на Костадин Костадинов и Жан Дрвошанов
Јорданчо Цветаноски