Костадинов: Сопругата на Мицкоски работи во гимназијата „Орце Николов“, а негов братучед добил работа во ЕЛЕМ-турс

by fokus

Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за непотизам и побара да го повика својот братучед да се повлече од ЕЛЕМ.

-СДСМ е против партизација и против непотизам. Одлучни сме и заедно со граѓаните се бориме да ги промениме работите во нашето општество. Партизацијата која што со децении беше пракса во Македонија, конечно е на колена – рече Костадинов.

Тој потсети дека членови на семејствата на претставници на СДСМ преземаа морални чекори на повлекувања од своите работни места.

-Поради морални и етички причини од работните места веќе се повлекоа: мојата мајка, дедото на пратеникот Кирацовски, синот на пратеникот Мисовски, братот и сопругот на пратеничката Стојчевска. Тоа е интегритет. Ајде сега да видиме колкав е интегритетот на Мицкоски и неговите од ВМРО-ДПМНЕ. Ајде да видиме што има да каже партијата која го рашири непотизмот до невидени размери. Го повикуваме Христијан Мицкоски да ги повика своите роднини и роднините на своите сопартијци да се повлечат од работните места кои им биле обезбедени поради нивно влијание. Граѓаните многу добро знаат дека Мицкоски во минатото раководеше со АД ЕЛЕМ. Токму во ЕЛЕМ-турс е вработен Горан Манасиевски, прв братучед на Христијан Мицкоски. Покрај братучедот на Мицкоски, во ЕЛЕМ турс работа добил и Никола Шајновски, сопруг на личната партиска секретарка на Мицкоски, но и Косана Мазнева, која е дел од неговиот партиски кабинет.

Сопругата на Хрстијан Мицкоски, пак, рече Костадинов, е вработена во гимназијата Орце Николов во Скопје.

-Дури и самиот Мицкоски е пример за непотизам со тоа што бил асистент кај својот татко на Машинскиот факултет, Иван Мицкоски. Очекуваме Мицкоски да ги повика сите свои роднини, како и сите роднини на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ кои работните места ги добиле поради влијанието на нивните блиски, да се повлечат од работните места – порача тој.

Поврзани новости