Костадинов со документи обвинува: Мицкоски испумпувал пари од ЕЛЕМ за луѓе од ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски додека бил директор на АД ЕСМ тогашен ЕЛЕМ испумпувал пари од граѓаните за луѓе блиски на ВМРО-ДПМНЕ, обвинува портпаролот на владејачката СДСМ, Костадин Костадинов. Тој покажа документи кои тврди дека покажувале дека Мицкоски од компaнијата му исплатил 143.000 евра за адвокатски услуги на адвокат близок до опозициската партија.

-Како тогашен директор извршителот Мицкоски склучил Договор за адвокатски – советодавни услуги со Панче Тошковски, од ВМРО-ДПМНЕ, со кој му дал 1.600.000 денари, за период од две години. Само 5 месеци подоцна, во март 2017 година, Мицкоски склучува нов Договор со Тошковски, вреден нови 8.850.000 денари односно 143.000 евра, за адвокатски услуги! Се работи за Договори со Панче Тошковски, многу близок пријател на извршителот Мицкоски и човек кој беше дел од преговарачкиот тим за Законот за Јавно обвинителство. Ете како почитувани граѓани извршителот Христијан Мицкоски ги испумпувал буквално парите на граѓаните и како ВМРО-ДПМНЕ ги полнеле своите џебови додека граѓаните плаќале поскапа струја за 100%. Тоа се истите шеми на Никола Груевски, извршителот Мицкоски очигледно дека доследно ги следел истите шеми. Мицкоски најмногу се плаши од Законот за јавно обвинителство, изјави Костадинов.

Поврзани новости