Валандовскиот градоначалник Перо Костадинов (37), кој по парламентарните избори си поднесе оставка од функцијата потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, сепак нема да се кандидира за лидер на партијата.
Околу гласините во партиските кругови, дека планира да поднесе кандидатура, за ,,Фокус” вели дека се работи само за шпекулации, и тој останува посветен на функцијата градоначалник на Валандово.
Инаку, ова е негов втор градоначалнички мандат.
Младиот валандовчанец минатата година доби меѓународно признание и беше вброен во петте градоначалници од целиот свет кои направиле позитивни трансформации за демократијата на општинско ниво, од страна на шведскиот меѓународен центар за локални демократии.
Тогаш од Центарот информираа дека тие барале лидери кои демонстрираат посветеност и креираат активности и мерки за правичност, вклученост, транспарентност и одговорност, а за признанието добиле 141 номинација.
Досега се познати имињата на тројца кандидати кои ќе се борат за претседателската фотеља на СДСМ.
Поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски и поранешниот министер за здравство Венко Филипче ги потврдија своите претседателски амбиции.
Постапката за кандидирање започна на 31-ви мај годинава и ќе трае седум дена, односно до шести јуни.
-Право на кандидатура имаат сите членови на СДСМ кои ги исполнуваат критериумите и високите вредносни, морални и етички норми.
За кандидат за претседател на СДСМ може да се кандидира лице со најмалку 5 години членство во СДСМ кој најмалку еднаш да бил избран од страна на Конгресот на СДСМ за член на некој од органите на партијата-информираа од партијата.
Вонредните внатрепартиски избори се распишани со одлука на Извршниот одбор и ќе се одржат на 30-ти јуни 2024 година (недела).
Вики Клинчарова