Собранието вчера донесе историска одлука за светла иднина наместо изолација и темно минато, изјави пратеникот од СДСМ Костадин Костадинов.
-Патот кон полноправно членство во ЕУ и НАТО е отворен, а најголема заслуга за тоа имаат граѓаните, но и 80 пратеници во Собранието кои слободно, по сопствено убедување и низ демократска постапка гласаа за иднина во ЕУ и НАТО. Историјата долго ќе го памети изборот што пратениците го направија вчера. Донесена е одлука што ја одредува иднината на нашата земја, што ја одредува иднината на секој граѓанин и на генерациите што доаѓаат – рече Костадинов.
Тој додаде дека Христијан Мицкоски, Никола Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ вчера уште еднаш потврдија дека се антизападни и антимакедонски партиски фигури кои, според него, на Македонија и носат зло, поделби, криминал и сиромаштија.
-Но, Македонија кажа доста на поделбите создавани од Груевски, неговиот пион Мицкоски и антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.Граѓаните и огромното мнозинство во Собранието одбраа Македонија да продолжи по патот на интеграција и сојузништво. Пратениците се охрабрија, се одважија и донесоа одлука за иднината на државата. Создадени се услови за уште поголема поддршка во Собранието за спроведување на договорот од Преспа и зачленување на Македонија во НАТО и ЕУ – порача пратеникот на СДСМ.