Нивото на манган во водата за пиење во Струмица се нормализирало, односно според последните интерни испитувања на Јавното претпријатие ЈП „Комуналец“, нивото се движи во рамките на дозволените граници според Правилникот за безбедност на водата.
Ова за „Фокус“ го потврди гадоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов.
– Утрово се измерени 0,0017 грама на литар вода, што е дозволено како питка вода. Но, сепак ќе ги почекаме и анализите од мострите на Институтот за јавно здравје, како и потврда од Агенцијата за храна и ветеринарство која треба да даде дозвола за користење на водата.
Оптимист сум дека после две или три последователни контроли и анализи од институциите и акредитирани лабаратории ќе добиеме решение од Агенцијата за храна и ветеринарство дека водата во Струмица и неколкуте населени места може да се користи за пиење – истакна градоначалникот Костадинов.
Тој побара да бидат објавени анализите од испитувања на водата во браната Турија од каде со вода се снабдуваат општините Струмица и Василево. Според него, мора да се знае квалитетот на водата во браната за да се работи на одредени решенија и во иднина да не се случуваат несакани работи.
Пред три недели, поради зголемени количини на манган во техничката вода од браната Турија, филтер-станицата на ЈП „Комуналец“ во Струмица не беше во можност да ја обработи по што следеше забрана за користење на водата за пиење. „Комуналец“ почна со дистрибуција на вода од алтернативниот водовод од Муртино кој има капацитет да ги покрие потребите на граѓаните за одреден временски период.
Освен во Струмица, забрана има и во Општина Василево која исто така вода добива од браната Турија.
Орце Костов