Лидерот на крајнодесничарската бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов, најави дека до Националното собрание на Бугарија ќе поднесе предлог-декларација со која се осудува, како што вели, заживувањето на говорот на омраза од официјално Скопје, пренесе БНТ.
Неговата најава за Декларација следи по изјавите на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кои наидоа на остри критики од официјална Софија.
„Ние имаме договор за добрососедство и тој отворено се прекршува. Сфаќаме дека ова е политика на намерно барање провокации, која Скопје ја игра изненадувачки добро. Народното собрание треба да се изјасни умерено и дипломатски, без да навлегува во нивниот тон. Бидејќи Комисијата за надворешна политика не се состана, ќе поднесеме барање за вонредна седница на Народното собрание и ќе ја поднесеме декларацијата денеска“, изјави лидерот на Преродба, Костадин Костадинов.
Бугарскиот политичар посочи дека во декларацијата треба да пишува дека Бугарија мора да ги информира своите партнери во Европската Унија за тоа што се случува од другата страна на границата – дека има саботажа против паневропските политики и една од нив е Коридорот 8.
Реакциите од Бугарија се однесуваат на изјавите на Николоски, кои тој ги даде во емисијата „Само интервју“ на Канал 5, во однос на проектот за изградба на пругата кон Бугарија, за кој рече дека е неизводлив.
Николоски рече дека не е против изградба на пруга кон Бугарија, но дека нема да се гради по траса која е неизводлива, прескапа и на начин со обиди на корупција лично кон него и кон премиерот Мицкоски.