Оставка не поднесува оној којшто се бори државата да стане полноправна членка на НАТО и да продолжат интеграциите во Европската унија, изјави портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов во однос на барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за оставка од премиерот Зоран Заев поради снимката со руските комичари. Како што рече Костадинов, Мицкоски треба да се засрами што им слугува на туѓите интереси кои, според него, не сакаат земјава да стане членка на НАТО и ЕУ.
– Мицкоски е очигледно фрустриран поради тоа што премиерот Зоран Заев жестоко ги брани државните и националните интереси, членството во ЕУ и НАТО! И тоа го прави секаде, и во јавните настапи и во телефонските разговори. Заканите од хибридни напади, лажни вести и манипулации се само затоа што сме посветени и стануваме 30 земја членка на НАТО – рече Костадинов.
Во однос на барањето на опозицијата за предвремени парламентарни, тој потсетува дека Мицкоски на ист начин се однесувал и во пресрет на претседателските избори, но доживеал пораз.
-Антизападниот Мицкоски, кој нема ниту програма ниту понуда, може да се надева само на уште еден пораз. Покрај сите лажни вести, манипулации, покрај деструктивноста на Мицкоски, успехот во нашите стратешки цели на државата и граѓаните не може да се запре – порача сдсмовскиот гласноговорник.