Опозицијата бараше избори што поскоро, а сега моли бога да не ги добие. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера лицитираше со некои датуми, април, мај. Се надеваме дека во рамки на демократска атмосфера ќе се случат разговори меѓу политичките партии и ќе се одреди термин за евентуални предвремени парламентарни избори, рече денеска на прес-конференција портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, одговорајќи на новинарски прашања.
Мицкоски, додаде Костадинов, буквално побегна од лидерска средба што беше убава можност да се отворат повеќе прашања, меѓу кои се и законот за Јавно обвинителство, законот за попис, избирачкиот законик. Сепак, оцени, во однос на избирачкиот закон, работните групи се состануваат и разговорите одат во добра насока.
-За жал, сите бевме сведоци дека Христијан Мицкоски буквално побегна од лидерска средба, веројатно треба него да го прашате зошто побегна. Брутално и буквално побегна со цел одбрана на криминалите на Никола Груевски, нормално по насоките од него што ги добива од Будимпешта. Во однос на избирачкиот закон, работните групи се состануваат. Од она што го знам, луѓето кои се во преговарачките тимови, разговорите одат во добра насока, од она што сум запознаен дека во периодот кој што ни следува, ќе се отвори прашањето за изборниот модел, ќе се отвори прашањето за преференцијалните листи кои што имаме намера да ги спроведеме, и секако, треба да имаме предвид, дека тие разговори се водат под надзор и во согласност со членови од ОДИХР, истакна портпаролот.
Тој е дециден и дека СДСМ не ретерира во однос на разговорите за предвремени парламентарни избори.
-СДСМ никогаш не ретерирал во своите ставови, тоа не го правиме ни сега. Наш принципиелен став од она што значи изјави на претседателот Зоран Заев е дека кога сме ја добиле довербата од граѓаните, мандатот треба да се истера четири години како што си е тоа според законот. За жал, имаме опозиција таква каква што е, од неразбирливи причини на секој можен начин пробува да го оцрни сето тоа што е сработено во интерес на граѓаните, на секој можен начин се обидува да ја блокира ЕУ и НАТО интеграцијата на Република Северна Македонија, на секој можен начин пробува да ја узурпира правдата во обид да си ги заштити криминалците кои 11 години буквално ги срушија темелите, а ние повторно треба да ги поставуваме во државата. Во тој однос ние стоиме на располагање, затоа што за воља на вистината тоа е нашата опозиција каква што е, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, и ние немаме друга опозиција со којашто можеме да разговараме согласно усвоените мандати во Собрание, објасни Костадинов.
Повтори и дека програмска определба на СДСМ е да има една изборна единица и отворени листи.
-Тоа всушност претставува и преференцијалниот избор. Секако, знаете дека тоа е наша програмска определба, но треба да имаме предвид, дека треба да наидеме на консензус во рамки на Собранието. Јас се надевам дека сите политички чинители, ќе го имаат предвид подобрувањето на изборниот законик, воопшто во државата и сите ќе се заложиме да изнајдеме консензус околу тоа прашање, рече Костадинов.
СДСМ се оптимисти и веруваат дека земјава од октомври ќе добие датум и ќе ги почне преговорите со ЕУ.
-Знаеме дека до крајот на годината ќе влеземе и ќе станеме 30-та земја членка на НАТО и сето тоа се потврди кои што треба да ни бидат мотив, да продолжиме со политиките кои што ги спроведува Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, напомена портпаролот Костадинов.