Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ, изјави дека вчерашните кадровски промени и освежувања во партијата, во чии рамки некои довчерашни функционери ги загубија позициите, немаат никаква врска со истрагата што ја води обвинителството за случајот „Рекет“.
-Немаме никаква намера да штитиме било кој за кого во транспарентна постапка ќе се утврди дека го прекршил законот, вклучително и за членови и на СДСМ. Но, на ниту еден можен начин, тоа не може да го поврземе со промените коишто се случуваат во СДСМ и ќе се случуваат затоа што нашата намера е јасна. Промените се сосема нормална појава за една демократска партија каква што е СДСМ и тие на ниеден начин не можат да бидат поврзани со било која афера што се случува во државата или би се случила – рече Костадинов.
Тој додаде дека денеска ќе продолжат разговорите помеѓу преговарачките групи од партиите за законот за јавното обвинителство, со кој треба да се регулира и прашањето за СЈО.
-Суштинска е потребата од носењето на еден таков закон, а се во интерес на воспоставувањето на правната држава во Република Северна Македонија. Очекувам дека сите мои колеги пратеници дека ќе се издигнат навистина над партиските интереси и во функција на правото, правната држава и секако во интерес на граѓаните со консензус да го донесеме Законот за Јавното обвинителство – истакна Костадинов.
Инаку, вчера партијата го избра Коста Петров за нов потпретседател, а Нина Ангеловска за нова министерка за финансии, што, според Костадинов, претставува дополнителен импулс во реализација на мерките што носат дополнителни придобивки за граѓаните.