Вчерашното невреме не предизвика поголеми материјални штети во Струмица, но, во текот на денот ќе имаме информации за неколку критични точки и доколку има штети Општината и јас сме подготвени да помогнеме, рече градоначалникот Костадин Костадинов.
Според него, сите надлежни служби биле на терен и се работи на расчистување на урнати дрвја во градот и населени места, како и на санирање на одредени точки од каде се излева водата.
-Се работи на расчистување на наносите од зема на регионалниот пат Струмица-Банско, кој поминува низ селото Куклиш. Исто така, имаше поплавување во неколку населени места предизвикано од неисчистени одводни канали и затворени канали покрај улици и патишта. Ние ќе излеземе и ќе ги исчистиме, но, апелирам до граѓаните да не ги покриваат и затрупуваат каналите со земја, бидејќи треба само еднаш да ни се случи таков пороен дожд како вчера и да имаме поплава, изјави Костадинов.