Портаролот на СДСМ, Костадин Костадинов денеска одговарајќи на новинарско прашање го осуди чинот на фрлање експлозивна направа во пекарата на Владо Мисајловски, но и го повика министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев повеќе внимание да посвети на неговите обврски како министер.
-Најповикан во овој случај е Наќе Чулев, министерот за внатрешни работи, којшто ние имаме можност како граѓани да видиме за што навистина и како го злоупотребува МВР. Секако, имавме можност да видиме како снима видео спот за партиски цели, наместо да се грижи и да се занимава со она што значи обврска како министер за внатрешни работи, рече Костадинов.
Тој додаде дека Мицкоски пушта лажна вест со тоа што го обвинува СДСМ дека стои зад настанот.
-Уште еднаш ќе кажам дека станува збор за лажни вести и го повикувам Мицкоски да каже од каде му е таквата информација, дополнително затоа што сме сигурни во тоа што го кажуваме. Го повикуваме МВР да го истражи случајот и да ја потврди лажната вест на Христијан Мицкоски, рече Костадинов.