По најавата на Антикорупциска дека ќе отвори предмет за еден од доделените грантови и критиките од јавноста и од опозицијата за недомаќинско трошење на парите од Фондот за иновации и технолошки развој, ФИТР излегоа со објаснување за процесот на доделување на грантовите и исплата на средствата од повикот Стартапувај 3. ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека грантови добиле проекти на лица блиски до СДСМ или идеи кои не се иновативни.
Директорот на ФИТР, Коста Петров вели дека фондот е единствена институција во државата која има сертификат ISO: 31007 за борба против корупција. Сите апликанти пополнуваат формулар за сопственичка структура и кажуваат дали се јавни функционери или се поврзани со нив. Ако има поврзаност, како што рече Петров, тој документ се праќа до Транспаренси Интернешнел и се проценува ризикот од апликантот.
Според него, ФИТР е единствена институција во државата која го мониторира секое евро инвестирано во секоја компанија. Комитетот за одобрување на инвестиции врши селекција на проектите, како што посочи Петров и никој од вработените на ФИТР не учествува во процесот. Процесот на мониторинг, како што додаде, го водат 5 интернационални ревизорски куќи.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски реагираше дека е доделен грант на фирмата Солар Груп во сопственост на Рубинчо Заревски, кој беше директор во Фондот за здравство за време на владеењето на СДСМ. Потоа за грантот за рецепт за пица пинса романа на фирма на Миле Милановиќ кој бил дел од претходно раководството на СДСМ на Струмица и за грант за набавка на дрон за снимање на земјоделски поседи. Антикорупциска сооопшти дека ќе испитува евентуални злоупотреби на доделување на грант на Солар груп.
-Наместо иновации и поддршка на млади научници, поддржуваат рецепти за храна, дебело ги плаќаат и поддржуваат набавка на дронови. Наместо поддршка на научници, поддржуваат партиски функционери на СДСМ како Миле Милановиќ и Рубинчо Зарески, рече Арсовски.
На прашање врз основа на кои критериум се доделни овие грантови и дали ќе поднесе оставка, Петров рече дека не планира такво нешто и го повтори процесот на одобрување.
-Под ни еден случај не планирам да си поднесам оставка. Напротив примерот на ФИТР треба да го следат и другите државни институции, бидејќи постои систем по кој се оценуваат проектите, постои закон кој што се следи и се имплементирани сите можни законски регулативи за процесот да биде транспарентен и коректен, додаде Петров,
Петров посочи дека ФИТР во моментов има 788 корисници со заеднички инвестиции од 88 милиони евра, 55 проценти од тие инвестиции се на Фондот, а 45 проценти од страна на корисниците.
– Полека, но сигурно, стигнуваме до совршениот модел на инвестирање, каде за секое евро инвестирано од државата има евро инвестирано од приватните корисници, рече Петров.
Тој истакна дека во 2021 година Фондот забележа рекорден број на апликации на сите повици, и рекорден број на поддржани апликации.
Тој посочи дека при аплицирањето, апликантите пополнуваат формулар за сопственичка структура и кажуваат дали се поврзани со јавни функционери или се јавни функционери.
– Комитетот за одобрување на инвестиции е единственото тело кое ги носи одлуките која компанија ќе се финансира, а која не. Напоменувам, ниту еден вработен во ФИТР не е инволвиран во носењето на одлуките кои проекти кои ќе бидат финансирани, а кои не, рече директорот на ФИТР.
Тој информира дека во Комитетот за одобрување на инвестиции членуваат Марвин Лиао (претседател), Вибу Шарма, Ноел Грегор Петерсон-Џоунс, Ашер Сидики и Гунтер Фелингер.
При носењето на финалната одлука, Комитетот за одобрување на инвестиции, се раководи според следните критериуми: степен на иновативност (25 поени); квалитет на проектот (25 поени); капацитет на проектниот тим (15 поени); потенцијал на пазарот (25 поени) и влијание (10 поени).
Претседател на Комитетот за одобрување на инвестиции Марвин Лиао истакна дека при носење на одлуките се водат според строги критериуми.
– На секој повик има многу добри проекти. За жал, нема средства за сите да се финансираат. Ги оценуваме поединечно, потоа заеднички носиме одлуки, рече Лиао.