Коста Петров „направи гужва“ на Саемот на книга: И покрај кризата, луѓето си дозволија книги!

by Fokus

Вчера заврши уште еден Саем на книгата во Скопје кој донесе многу новитети на радост на читателската публика во Македонија, која дополнително се „разбуди“ со почетокот на пандемијата на корона вирусот.

Присутните издавачки куќи понудија многу новитети на своите штандови, но и дружба на македонските автори со публиката. И покрај слабата посетеност во првите денови, Коста Петров со својата промоција на книгата „Што ќе кажат другите“ направил гужва на овој настан, велат од ТРИ.

„Од вториот ден посетеноста беше видно зголемена. На штандот на ТРИ имаше редици од луѓе на касите за да си ги платат книгите. Годинава имаме избор од над 500 наслови, за сечиј вкус и џеб. Книгата на Коста Петров донесе навистина многу луѓе, а новитети имаме и од Кристијан Станковски и многу преводи. Имавме богата понуда на настани, за децата највеќе. Игравме, пеевме се дружевме. Едноставно, како луѓето да чекаа да се дружат меѓу книгите, а особено сум среќна што книгата успеа да спои многу луѓе“, истакна Александра Тодоровиќ од „ТРИ“.

Радува податокот што во последниот период, се повеќе македонски автори се присутни на Саемот на книга, и интересот за нивните книги е во постојан раст.

 

„Интерес има за домашните автори затоа што тие се тука присутни. Покрај тоа, актуелна е литературата за личен и бизнис развој. Романите секако исто се бараат, може да се каже дека годинава имаме избор за секого по нешто. Без разлика на кризата, и покрај се, луѓето наоѓаат средства да си купат книга“, додаде таа.

Исто така, општ е впечатокот дека голема слабост на македонската читателска публика се трилерите, напишани од странските автори.

„На нашиот штанд, читателите најмногу покажаа интерес за странските автори, но имаме и македонски автори. Мој впечаток е дека трилерите од странските автори се најбарани кај македонските читатели. Но, има голем интерес и за македонски автори, а актуелна е и популарната психологија“, вели Филип Баткоски од „Бата прес“.

Главна фотографија – Издавачки центар ТРИ

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости