Министерот за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли очекува поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово, кој на 24 јули, врз основа на потерница на Интерпол беше уапсен од македонската полиција на граничниот премин Блаце, наскоро да биде пуштен од притвор и да се врати во Косово.
Пацоли преку објава на својата страница на Фејсбук изрази задоволство поради вчерашната одлука на надлежниот суд во Северна Македонија да го одбие барањето на Србија за екстрадикција на Морина.
– Среќен сум што Томор Морина ја доби првата битка на судството во Северна Македонија за одбивање на српската одлука за екстрадикција. Ние веруваме силно во професионалната работа на властите во Северна Македонија и во пријателските врски меѓу нашите две земји. Многу бргу тој ќе се врати дома, кај своето семејство и пријателите и ги повикувам сите да бидат трпеливи, напиша Пацоли.
Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје вчера донесе решение дека не се исполнети условите за екстрадиција на поранешниот припадник на ОВК во Србија. Воедно, на Морина му е продолжен притворот до правосилноста на ова решение, односно до одлучување по предметот од страна на на Врховниот суд на РСМ.