Уставот и законите на Косово се Библија и Куранот на косовското општество, пред кои, сите би требало да сме немоќни, напиша денеска на својот Фејсбук профил, косовскиот амбасадор во земјава Ѓерѓ Дедај, кој со одлука на косовската претседателка Вјоса Османи е разрешен од позицијата.
Вјоса Османи, како што објави претходно дописникот на МИА од Приштина, на предлог на Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово, донесе одлука за разрешување на Дедај и на уште 11 други амбасадори поради тоа што биле политички именувани од претходните власти. Освен Дедај разрешени се и косовските амбасадори во Германија, Албанија, Чешка, Холандија, Унгарија, Хрватска, Словенија, Австралија, Црна Гора, Обединетите Арапски Емирати и Катар.
Функцијата в.д. амбасадор на Косово во Скопје, треба да ја извршува сопругот на Османи, Приндон Садриу, кој досега беше советник во Амбасадата.