Косовската полиција вчера спровела акција за затворање на објекти користени од паралелни структури управувани од властите во Србија во косовските општините на северот од земјата, населен со мнозинско српско населени.
Министерот за локална самоуправа во косовската Влада, Елберт Красниќи објави дека се затворени пет паралелни општини.
Красниќи на неговата страница на Фејсбук напиша дека сега веќе нема да функционираат паралелните општини: Округ Косовска Митровица, паралелната општина Митровица, како и општините Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ.
-Денеска, по блиска координација меѓу институциите на Република Косово, затворени се паралелните нелегални институции на локалната самоуправа, кои работеа по директиви на Србија, кршејќи ја уставноста и законите на Република Косово, напиша Красниќи.
Косовскиот министер, кој доаѓа од редовите на партиите на немнозинските заедници во Косово, порача дека „институциите на Република Косово нудат услуги за сите граѓани, без разлика на нивната припадност“.
Во меѓувреме, во соопштение на косовската полиција, се наведува дека акцијата се одвивала во пет згради.
Заменик-директорот на полицијата за северниот регион, Ветон Елшани изјави дека во канцелариите кои се затворени се издавале фалсификувани документи.
Протестирајќи пред полицијата во акцијата на север, српскиот политичар Александар Арсенијевиќ изјави дека српските граѓани се плашат од присуството на косовската полиција.
-Што ќе правиме без центарот за социјална работа, без општинското јавно претпријатие, без другите институции од витално значење за Србите кои нудат заштита и помош на граѓаните на кои им е потребна, рече Арсенијевиќ.
Тој ги повика Србите „да не станат плен на провокации бидејќи тоа го бараат властите во Приштина“.
Косовските власти пред неколку месеци затворија други седум паралелни општини: во Призрен, Пеќ, Сува Река, Исток, Клина, Раховец и Драгаш.
Амбасадата на САД во Косово излезе со соопштение по рацијата на косовската полиција во српските општини посочувајќи дека ја изразува својата загриженост и разочарување поради континуираните некоординирани активности преземени од Владата на Косово кои продолжуваат да имаат директен и негативен ефект врз припадниците на српската заедница и другите малцински заедници во Косово.
-Оваа акција не е координирана со ниту еден елемент на меѓународната заедница, се вели во соопштението на амбасадата на САД на Косово.
Оттаму велат дека САД и меѓународните партнери постојано бараат од Владата на Косово да и даде приоритет на координацијата со меѓународната заедница и да не презема еднострани дејствија за прашања кои се на агендата на Дијалогот со посредство на ЕУ.
-Неуспехот на Владата на Косово да одговори на овие барања го одразува вистинското и растечко влошување на нашето партнерство. Како што забележавме претходно, некоординираните акции на Владата на Косово ги ставаат косовските граѓани и војниците на КФОР во поголем ризик, непотребно ги ескалираат регионалните тензии и го поткопуваат угледот на Косово како доверлив меѓународен партнер, соопшти амбасадата на САД во Косово.