Косовската полиција уапси осуммина за експлозијата во каналот Ибар-Лепенец, Вучиќ кажа дка Србија нема ништо со тоа

by Fokus

Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечла изјави дека се уапсени осум лица во врска со експлозијата во каналот Ибар-Лепенац, кој обезбедува водоснабдување за неколку општини и за двете најголеми електрани во земјата. Владата го опиша инцидентот како терористички чин и ја обвини Србија.

Српскиот претседател Александар Вучиќ ги отфрли обвинувањата како неосновани и кажа дека Србија нема никаква врска со експлозијата.

„На Србија такво нешто не би ѝ паднало на памет. Ние повеќе од Приштина ќе инсистираме да се реши овој случај. Како сериозна држава ние не кажавме дека нападот го наредил Курти, тоа ќе го покаже истрагата. И ние спроведуваме наша истрага и веќе имаме некои сомневања кој би можел да биде извршител“, кажа Вучиќ.

Командирот на косовската полиција Газменд Хоџа изјави дека во нападот биле употребени 15 до 20 килограми експлозив.

„Тие кои се уапсени се сомничат за поттикнување, организирање, па и за извршување на последните терористички напади, вклучително и во каналот Ибар-Лепенац. Запленет е голем арсенал на оружје“, кажа Хоџа.

Тој додаде полицијата извршила рации на десет локации, запленила над 200 воени униформи, шест рачни ракетни фрлачи, оружја со долга цевка, пиштоли и муниција.

„Најголем дел од уапсените се припадници на српската организација ‘Цивилна заштита‘, која владата ја прогласи за терористичка“, кажа Хоџа.

Советот за безбедност на Косово вчера одржа итен состанок и ги активираше вооружените сили за да се спречат нови напади. Во одделни инцидени оваа недела беа фрлени гранати врз полициска станица и општинска зграда во северно Косово.

Поврзани новости