Полицијата на Косово (ПК) вечерва објави дека од вторник, 22 ноември, ќе почне да изрекува парични казни за лицата кои се движат во земјата со регистерски таблички издадени од Србија, односно за оние кои во предвидениот рок не ги регистрирале своите возила со таблички со ознака РКС – Република Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
По денешната средба во Брисел, со посредство на Европската унија, на косовскиот премиер, Албин Курти со Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на која не се постигна договор за надминување на проблемите во врска со табличките на Србите во северно Косово, ПК соопшти дека ќе започне со применување на владината одлука за казнување на тие што не ги замениле табличките.
– Како што беше објавено…, до 21 ноември беше предвидено изрекување на мерката „укор”, а по тој датум, од 22 ноември, ПК дава до знаење дека ќе започне со изрекување на казни според законите кои се во сила, што според проценките и планот на полицијата треба да започне на тој датум (22.11.22) во текот на претпладневната смена, се вели во изјавата за медиуми на портпаролот на ПК, Баки Кељани.
Курти, по денешната средба во Брисел со Вучиќ изјави дека договор меѓу Приштина и Белград за актуелната криза во односите меѓу двете земји не е постигнат затоа што шефот на дипломатијата на Европската унија, Хосеп Борел се откажал од рокот од март 2023 година како конечен датум за нормализирање на косовско-српските односи.
Борел, по денешната средба изјави дека предложил Приштина да го одложи изрекувањето казни за непочитување на одлуката за промена на табличките, а Белград да престане со издавање таблички со српски ознаки за косовските Срби. Тој предлог, нагласи високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Вучиќ го прифатил, но Курти го одбил.
Косовскиот премиер, пак, изрази жалење што ЕУ, како посредник, се откажала од претходниот предлог за нормализација на односите.
– Нормално дека за нас е неприфатлво ако тоа не е придружено со она поради кое бевме повикани тука, согласноста под итно да се заложиме за конечен договор за целосна нормализација на односите… Дојдовме во Брисел за да се договориме за нови чекори во правец на договор пред март 2023. Со жалење морам да кажам дека посредниците, во случајов Борел, се откажа од мартовскиот рок и од предлогот на ЕУ за нормализација на односите, изјави Курти.
Тој нагласи дека е секогаш подготвен да отпатува за Брисел на разговори за „разни актуелни прашања”, како што е она за регистерските таблички, но изрази очекување дека „во центарот на преговорите треба да биде меѓусебното признавање” на Косово и Србија.
Од почетокот на месецов косовската полиција им изрекува укори на лицата кои не ги промениле табличките, а од утре, според владината одлука, ќе почнат да се изрекуваат парични казни, во висина од 150 евра. Оваа мерка е предвидено да трае до 21 април, кога ќе започне целосната примена на законот, односно ќе биде забрането движењето на возила со незаконски таблички издадени од Србија.
Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, која е отворено поддржана од претседателот на Србија и од владата во Белград, најави дека, во моментот кога ќе почнат да се изрекуваат казни, ќе започне „жесток отпор” против властите во Приштина