Министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала за германски Дојчландфунк изјави дека доколку меѓународната заедница го толерира претседателот на Србија, Александар Вучиќ може да дојде до војна, пренесе Косово онлајн.
„Ова не е првпат претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да ѝ се заканува на соседна земја со војна. Тој точно знае како да се справи со Западот и неговите грешки“, изјави Гервала.
Таа рече и дека Вучиќ сака да изврши притисок врз Владата на Косово да преговара за териториите.
„Претседателот на Србија пред осум дена покажа каков е неговиот план, а неговиот план е да окупира дел од Косово. Тоа нема да се случи. Овој обид не успеа и како резултат на тоа беше убиен еден наш полицаец. А терористичката група беше подготвена да изврши напад со 400 луѓе. И, за среќа, тоа не успеа. Не знаеме каков е нивниот план за иднината“, рече Гервала.