Косовска министерка ја нарече ЕУ „хартиен тигар“, па доби критики од Западот

by Фокус

На Форумот во Дубровник, министерката за надворешни работи на Косово Доника Гервала изјави дека ЕУ без САД и НАТО е „хартиен тигар“ на безбедносен план.

-Клучното прашање за безбедноста на Западен Балкан е дали Европската Унија може и дали е единството и унијата што може да гарантира безбедност и мир во Европа? Моја проценка е дека ЕУ не може! Причините се очигледни: нема политичка волја, има многу несогласувања во унијата и без САД и НАТО, ЕУ е „хартиен тигар“ на безбедносен план. Бидејќи ЕУ го знае тоа, бара постојана смиреност. Сепак, ова е опасно. Смирувањето на ЕУ со Русија предизвика Путин да ескалира, а неодамнешното смирување на агресивните актери во нашиот регион од страна на ЕУ ги поканува автократите да ескалираат уште повеќе – тестирајќи го Западот и можеби дури и влегуваат во војна, а тие продолжуваат да се закануваат многу пати сега со целосна поддршка од Путин – рече Гервала.

На изјавата на Гервала реагираше специјалниот преставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој рече дека за разлика од Гервала смета дека се што позитивно се случи на Балканот е комбинација од соработката на Европска унија и САД.

-Нашата политика на Балканот остана многу конзистентна од 90-тите и очекувам вака да продолжи. Нашата политика се заснова на три столба: првиот е европската интеграција, жал ми е што не се согласувам со мојата косовска колешка, но сè позитивно што се случи на Балканот во текот на последната генерација беше комбинација на европско-американска соработка, затоа и интеграцијата е нашата највисока аспирација за регионот – рече Ескобар.

И емисарот на Европската унија за дијалогот Косово-Србија, Мирослав Лајчак, и реплициреше на министерката за надворешни работи на Косово, велејќи дека „ЕУ е далеку од совршена, но е најдоброто што го имаме“.

-Не постои друга унија на држави на оваа планета која донела политичка стабилност, економски просперитет, поголема социјална кохезија и почитување на човековите права. Така што мислам дека влезот во ЕУ е достигнување и сон на земјите кои тропаат на вратите на ЕУ“ – рече Лајчак.

Поврзани новости