Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово соопшти дека упатило протестна нота до Македонија, барајќи итно и целосно објаснување во врска со инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи.
Според соопштението на приштинското МНР, претседателката Османи била соочена со несоодветен и незаконски третман од обезбедувањето на скопскиот аеродром.
-Министерката (Доника) Грвала достави протестна нота до властите во Македонија, барајќи итно и целосно објаснување за овој инцидент. Истовремено, побарано е македонските власти да преземат итни мерки за расветлување на случајот и да се погрижат вакви настани во иднина да не се повторуваат, се вели во соопштението на Министерството.
На претседателката Османи, според соопштението што го објави Претседателството, во четвртокот имало обид да ѝ се одземе телефонот од обезбедувањето на скопскиот аеродром. Дури, како што велат, имало обид и Османи физички да се оттурне.
Претседателството на Република Косово во соопштение до јавноста ја изразува својата огорченост од „неприфатливите изјави на Министерството за внатрешни работи на Македонија“, како и од „пропагандата што се развива против Република Косово“.