Министерката за надворешни работи на Косово – Доника Гервала денеска објави дека испратила протестна нота до С. Македонија, барајќи најбрзи и најцелосни појаснувања за инцидентот на скопскиот аеродром во кој беше вмешана претседателката на Косово, Вјоса Османи.
Во соопштението на косовското МНР се наведува дека Османи се соочила со „несоодветен и незаконски третман од обезбедувањето на скопскиот аеродром“.
„Министерот Гервала достави протестна нота до властите во С. Македонија, барајќи итно и целосно расчистување на овој инцидент. Истовремено, побарано е македонските власти да преземат итни мерки за да се истражи овој случај и да се погрижат ваквите настани да не се повторат во иднина“, пишува во објавата на косовското МНР на Фејсбук.
Во соопштението се наведува и дека министерката за надворешни работи – Гервала, вчера вечерта по инцидентот и денеска се сретнала со македонскиот амбасадор во Косово, „барајќи појаснување за случајот“.
„Исто така, денеска министерот Гервала во МНР оствари средба со вицепремиерот на С. Македонија, Арбен Фетаи со кого разговарале за предметниот инцидент и потребата од преземање брзи институционални дејствија. Во рамките на преземените дејствија, министерката Гервала попладнево добила телефонски повик од нејзиниот колега, министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, при што била изразена загриженоста на институциите на Косово по вчерашниот инцидент“, се вели во соопштението.