Косово нема да бара членство во меѓународни организации, Србија прекинува со кампањата против независноста

by Фокус

Косово се согласило на едногодишен мораториум на барањето членство во меѓународни организации, а Србија исто така се согласила една година да се откаже од кампањата со која бара држави да го повлечат признавањето на независноста на Косово, предвидува една од точките од договорот за нормализирање на економските односи меѓу двете држави потпишан во Вашингтон.

Првата точка од договорот за економска нормализација се однесува на автопатот Белград-Приштина, за што двете страни се обврзале да го применат договореното за автопатот во договорот потпишан на 14 февруари, 2020.

Втората точка се однесува на железничката пруга од Белград до Приштина, како и на тоа дека треба да изработат заедничка студија за изводливоста на проектот за изградба на железничка инфраструктура до пристаништата на Јадранско Море.

Потоа се наведува дека Србија и Косово заеднички ќе работат со американската Меѓународна корпорација за финансиски развој и со ЕКСИМ банка, за да може да се спроведат на дело повеќе меморандуми –за изградба на автопати и железнички траси, како и за финансиски заеми за мали и средни претпријатија и друго билатерални проекти.

Во договорот стои и дека Косово ќе се придружи на „Мини шенген“ – заедничката иницијатива на Србија, Албанија и Македонија од 2019 за слободен проток на стоки и луѓе.

Двете страни се обврзале взаемно да си ги признаат дипломите и професионалните сертификати и на диверзификација на снабдувањето со енергија.

Двете држави се обврзале на обнова на меѓурелигискиот дијалог, заштита на верските знаменитости и на примена на судските одлуки со кои се штити Српската православна црква, како и да се продолжи со реституција на имотите на жртвите на холокустот кои немаат наследник.

Во договорот се споменуваат и исчезнатите лица, односно двете страни се обврзуваат да ги забрзаат напорите за пронаоѓање и идентификација на останки на исчезнати лица.

Поврзани новости