Косово и Србија во Вашингтон ќе преговараат за „меѓусебно признавање“

by Фокус

Косовскиот премиер Авдулах Хоти побара од двете најголеми опозициски партии – Движењето самоопределување и Демократската партија на Косово да именуваат свои претставници во тимот што ќе го претставува Косово на новата рунда преговори со Србија, што на 4 септември треба да се одржи во Вашингтон.

Хоти рече дека преговорите во Белата куќа, кои ги организира специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за косовско-српскиот дијалог, амбасадорот Ричард Гренел, се со цел да се постигне конечно решение за споровите со Србија, а со тоа, како што рече, Приштина подразбира меѓусебно признавање на двете држави.

Тој информира и дека утре во Брисел ќе се одржи нова рунда преговори меѓу Приштина и Белград на експертско ниво, а на неа ќе се расправа за економски прашања, додека преговорите во Вашингтон се „за меѓусебно признавање, со цел нормализирање на односите меѓу двете држави”.

-Имаме општа согласност и со коалиционите партнери во Владата дека дијалогот ние го водиме за меѓусебно признавање, со цел нормализирање на односите меѓу двете држави. Утрешните дискусии кои ќе се водат во Брисел се дел од финалниот договор за меѓусебно признавање, кој го вклучува претходниот состанок за прашањето на исчезнатите лица (од војната во 1998-99 година), додека утре ќе се разгледуваат прашања од областа на економската соработка – изјави Хоти.

Поврзани новости