Во селото Бањска на северот на Косово биле нападнати припадници на косовската полиција, при што еден е убиен, а друг е повреден. Информацијата ја потврди косовскиот премиер Албин Курти по неофицијални информации од рано утрото. Косовската претседателка Вјоса Османи итно се враќа од Њујорк. И двајцата ја обвинија Србија, односно српските криминални банди, изразувајќи сочувство до семејството на загинатиот полицаец.
Курти наведува дека нападот се случил околу три часот по полноќ, дека е убиен полицаец со чин наредник, а повреден е и припадник на граничната полиција и неговиот живот не е во животна опасност, пишува Ќосев.
-Во овој момент продолжува пукањето од огнено оружје од различен калибар кон нашата полиција. Напаѓачите се професионалци со маски и вооружени со тешко оружје, изјави Курти.
Тој го осуди ова злосторство, наведувајќи дека станува збор за терористички напад и го поврза со организиран криминал кој има поддршка од Белград.
-Го осудуваме овој криминален и терористички напад. Организираниот криминал со политичка, финансиска и логистичка поддршка на официјален Белград ја напаѓа нашата земја. Во оваа борба го штитиме и спроведуваме законот, ги штитиме и заштитуваме граѓаните без разлика и независно Косово, рече Курти.