Ќосето е дивоградба за која треба да се отвори истрага, предлага работната група

by fokus

Споменикот на Андон Јанев Ќосето, поставен пред судска палата, е дивоградба и треба да се отстрани преку дислоцирање или демонтирање, препорачува работната група за анализа на последиците од проектот „Скопје 2014“, која го достави првиот извештај до Министерството за култура.

Првиот елаборат е посветен на овој споменик и ги истражува сите аспекти поврзани со неговото поставување. Неофицијално за Ќосето да се најде пред комплексот судови биле прекршени неколку закони со што е оспорена неговата легалност.

Работната група констатирала дека Град Скопје излегува од своите надлежности кога носи одлука за негово поставување, затоа што надлежно за споменици од национален интерес е само Собранието на Република Македонија. Па наместо законодавниот дом да се произнесе за овој предлог, Град Скопје го заобиколува парламентот и одлуката ја носи градскиот совет спротивно на Законот за меморијални споменици и спомен обележја.

Освен тоа што Градот на своја рака го презел овој зафат, Ќосето е поставено не земјиште што не е под ингеренции на Градот, туку во сопственост на судот, што претставува узурпација на парцела.

Експертите сметаат дека со случајот треба да се занимава и Јавното обвинителство. На Владата и предлагаат извештајот да го достави до надлежните органи за да се истражи потеклото на парите.

Како дивоградба, работната група и укажува на Владата неколку начини за справување со споменикот. Еден од нив е да му се наложи на Град Скопје да го отстрани и да го врати земјиштето во првобитна состојба. Доколку Градот не го испочитува решението, Владата има можност да му наложи на Министерството за транспорт и врски да го сруши обележјето, или да го отстрани и да го донира на некоја општина.

Во било кој случај, велат од работната група, местото на споменикот не му е пред судовите.

Тоа го изјави и премиерот, Зоран Заев, кој неодамна на митинг во Центар порача дека Ќосето ќе биде првиот споменик кој ќе се дислоцира.

-Првиот извештај е готов. Експлицитно и стручно укажува. Ќосето прво ќе го тргнеме од пред судот каде што се дели правдата – рече Заев.

Инаку, Ќосето е донација на Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин по чија иницијатива беа поставени неколку спомен обележја покрај булевари и среде кружни текови во Скопје. Кога пред три години градскиот совет го одобри нивното поставување, советниците мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и градначалникот, Коце Трајановски, не сакаа да го прифатат барањето на опозицијата да бидат повикани претставници на Здружението за да ја образложат својата донација. До денеска ова здружение и неговите основачи останаа мистерија за јавноста.

 

Поврзани новости