Новоназначената директорка на ЈП ,,Комунална хигиена”, поранешната пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Косана Мазнева, денес полни 50 години. Иако ја започнува шестата деценија од животот, Мазнева се уште е на листата со најубави жени во политиката кај нас, а во многубројните роденденски честитки од нејзини пријатели, често може да се прочита – Среќен роденден, девојче!
Со години наназад го привлекува вниманието на јавноста каде и да се појави, а поради убавината неретко ја споредуваат со познатата актерка Моника Белучи. Покрај тоа што беше пратеничка во два мандата, раководител на сектор природа во Министерство за животна средина и просторно планирање и одговорен инженер и советник за животна средина во АД Електрани на Македонија, во медиумите често се пишува и за животната приказна на Косана.
Пред 12 години почина нејзиниот сопруг Благојче Мазнев, кој е татко на нејзините ќерки Ана и Михаела, а таа јавно обвини дека се работи за лекарска грешка, за која се уште се молчи. Во времето кога почина, Мазнев имаше 38 години, а случајот ја брануваше јавноста, бидејќи смртта кај него настапила при рутинска операција на камен во мочниот канал.
Четири години по неговата смрт, Косана стапи во брак со телевизискиот снимател Мики Трајковски, а на почетокот на 2014 година тие ја добија ќерката Милица.
Мазнева често објавува фотографии од приватниот живот, од растењето на најмалата ќерка, но и од животни настани на сега веќе возрасните ќерки Ана и Михаела. Нејзини блиски за неа знаат да кажат дека е борбена жена, која избрала нов живот наместо предавање, во еден од најтешките периоди.
Вики Клинчарова