„Корумпираната“ Украина е „помалку“ корумпирана од Русија

На индексот на корупција на Транспаренси, Украина го зазема високото 122-то место, но Русија е уште послабо рангирана за 14 позиции.

by Фокус

„Украина е една од најкорумпираните земји во светот“ – во ваков аргумент настапуваат политичките елити во Европа, но и во земјава, кои во функција на ставот дека НАТО не треба да се шири кон Исток, се обидуваат да се дистанцираат од случувањата во Украина, па дури и да ја релативизираат руската агресија.

Неодамна, и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ ја спомена корумпираноста на Украина кога говореше дека нема да дозволи ниеден хрватски војник да пушти да се бори во Украина.

Украина сè уште е една од најкорумпираните земји во светот, економски стагнира и не добила ништо од ЕУ – рече Милановиќ, по што хрватскиот премиер Андреј Пленовиќ мораше да им се извинува на украинските власти.

Слична реторика во земјава не користат претставници на најголемите и релевантни политички партии, но може да се слушне од некои „помали“ политички партии, кои се отворено антизападно и проруски настроени.

Доколку се погледне индексот на корупција на Транспаренси Интернешнл се заклучува дека точни се тврдењата дека Украина е високо корумпирана држава, независно од тоа со каква цел и намера се планираат.

Имено, за изминатава 2021 година, Украина го зазема дури 122-то место на листата со 180 држави, така што се наоѓа во друштво на Непал, Филипини, Замбија, Габон, Мексико,  Нигер, Папуа Нова Гвинеја, Азербејџан, Боливија, Џибути, Кенија, Лаос….

Сепак, воедно треба да се посочи дека Русија е уште покорумпирана од Украина, со оглед дека се наоѓа на 136-тото место, што значи дека е за 14 позиции послабо рангирана од Украина.

Оттука, секогаш кога се говори за „корумпираната Украина“ во контекст на воениот судир со Русија треба да се има во предвид дека Русија е уште покорумпирана.

Инаку, на листата за перцепција за корупција Македонија го зазема 87-тото место.

В.С.

Поврзани новости