Корубин на Фејсбук: Досетките на Рама и прогнозите на Мицотакис

by Fokus

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, прогнозира дека земјите од т.н Западен Балкан би можеле да се интегрираат во ЕУ до 2033 година, отприлика за 10 години од сега. Оваа изјава е дадена на Самитот во Солун на процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа, што во суштина е поточна ознака за регионот на кој припаѓаме и ние пишува Никица Корубин на Фејсбук, магистер по археологија и историја на уметност и поранешен пратеник во Собранието на Република С. Македонија.

-Иако, се чини како оптимистичка изјава, сепак е одредница која би требало да се следи. Но, наместо тоа, за нашата “јавност” која секако со сите сили се труди (а, веројатно и работи) на јасен ЕУ скептицизам нарекуван на различен начин “ЕУ дома да ја донесеме”, “ЕУ да се вразуми”, па до ЕУ интеграцијата е блокирана”; поинтересни се досетките на албанскиот претседател Еди Рама. А, можеби неговиот, веќе серијал, на итромански недипломатски, а и меко кажано невкусни, а остро кажано индикативни досетки, се всушност намера? Намера која е на иста линија со нашите ЕУ противници? Кои се разбира, понекогаш доаѓаат и во чисто проевропско пакување, пишуваа таа.

Според Корубин, Рама својот серијал го започна пред неколку дена на средбата на “Отворен Балкан” во Охрид, каде покрај директното прозивање на Бугарија, имаше и директна манипулација со ставот на Црна Гора, која кај нас остана под радарот на јавноста и анализите, кои всушност и целосно отсуствуваа и за средбата во Охрид, а уште повеќе и за самиот проект.

-Па, така останавме скратени за целосната порака на Габриел Ескобар, која всушност може да се протолкува како прилично зголемена резервираност на САД, во однос на форматот и иднината на проектот, а особено на неговата посакувана (политичка) позадина. На слична линија беше и пораката на ЕУ, во нијанси различна, но суштински иста. Така што, веројатно на главниот партнер на идеологот на “Отворен Балкан” и не му остана многу простор, освен “карање и прозивање” на ЕУ, со јасна провокација кон Бугарија. Со која намера? Дали можеби Албанија со иста “страст” како и ние, односно особено гласните делови на нашето општество, “чуварите на идентитетот” ја посакува ЕУ, па веќе отворено провоцира? Во обландата наречена “сарказам и хумор”? Надвор од секаква дипломатска прифатливост, пишува Корубин.

Според неа интересно е, што нашата јавност остана скратена, за анализа на уште една информација. А, тоа е одбивањето на партијата на Еди Рама, пред неколку недели, во албанскиот парламент да ја прифати декларацијата за осуда на геноцидот во Сребреница, сведувајќи ја на меѓупартиски пресметки.

-Без разлика на мотивот, добро е да се има во предвид и овој факт, кога со радост се прифаќаат досетките на Рама, насочени кон Бугарија, позади дискурсот “и го кажува на ЕУ тоа што таа не сака да го слушне”; и да се види колку сето ова и помага на Македонија, или пак само одмага да се постигне договор со Бугарија и да ги започне преговорите со ЕУ, без притоа да се заборави дека сме во пакет токму со Албанија. Која очигледно не може да се одлучи што и е помило ЕУ или Отворен Балкан? Добро некако и доаѓа “криењето” позади “нерешливоста” на нашиот спор со Бугарија, па фали само зачинот, да остане нерешен на подолг рок, за да можеби не се открие и нивната вистинска “воља”, пишува таа.

Затоа, според Корубин не е лошо, на шегите да се смееме и насладуваме со задршка. Ајде што се солени и невкусни, во секој поглед кон нас и за нас, туку се и индикативни. Да се вратиме ние сепак на изјавата на Мицотакис и југоисточна Европа, наместо Западен Балкан? И да се преиспитаме кое тоа друштво е природно, а кое принудно?

Поврзани новости