Шпанскиот Сенат, откако тоа го стори и Конгресот ги суспендираше сите предвидени активности во наредните седум дена. Причина за оваа одлука е заштита од коронавирусот, кој беше откриен кај генералниот секретар на ултра-десничарската партија Вокс, кој инаку е член на Конгресот, пренесе порталот 360.
Првата потпретседателка на Сенатот, Кристина Нарбона денеска објави дека сите закажани пленарни седници и состаноци на работните тела ќе бидат одложени, без да прецизира кога ќе бидат презакажани.
Тоа значи дека ќе биде пролонгирано донесување и на одлуката која ја засега Македонија, со оглед дека една од точките кои беа во пакетот активности за неделава беше и гласањето за Протоколот за зачленување на нашата држава во НАТО.
Според официјалните документи, процедурата за прифаќање на документот во Сенатот со кој Македонија ќе ја надминеше и последната пречка пред и официјално да стане членка на Алијансата требаше да заврши најдоцна до 25 март.