Голем број на музички настани, концерти и турнеји деновиве се откажани поради опасниот коронавирус. Настанот насловен како Мозаик Фестивал, кој беше најавен на 28-ми февруари во А1 Арена ,,Борис Трајковски” беше откажан помеѓу првите. На истиот беше планиран настап на Владо Јаневски, Слаткаристика, Ферус Мустафов, Нокаут, Елита 5 и Ѕ4ММ. И поп пејачот Ѓоко Ѓорчев го откажа најавениот концерт, кој требаше да се одржи во Дом на АРМ на 4-ти март, со наслов ,,На Скопје со љубов”.
Заедно со него беше најавено дека ќе настапат Игор Џамбазов, Катерина Танева, Кате Соната, Мери Младеновска, Зоран Џорлев, Ирена Крстевска Стевановска, Трио Џентлмен и Филип Стевановски Бенд.
-Ги следиме препораките на Владата. Кога ќе се нормализира состојбата со вирусот,концертот ќе се одржи на истата локација – порача музичарот.
И фолк пејачката Татијана Стефановска извести дека концертот за дијаспората во Пиду, Швајцарија е откажан поради коронавирусот. Истиот требаше да се одржи на 7-ми март во организација на Македонско друштво Пијанец, а беше најавуван како голема македонска забава за иселениците во Швајцарија по повод празникот Осми март.
Откажаните концерти ќе ги ,,удрат” по џеб музичарите кои се подготвувале со недели наназад, но повеќето од нив порачаа дека нема место за негодување и како ќе и се оддолжат на публиката во некоја наредна пригода. Сепак, настапите во разни локали низ земјава на повеќето фолк пејачи се одржуваат без прекин со многубројни гости. На 28-ми февруари Владата излезе со препорака до организаторите да се откажат сите поголеми јавни собири и културно – забавни манифестации.
Поради тоа не се одржаа Струмичкиот карневал и карневалот ,,Прочка” во Прилеп. Исто така, препорака на Владата е спортските настани и натпревари до 6-ти март да се играат без публика.
Вики Клинчарова