Корона-журките му пресудија на Џонсон, но што е со другите лидери?

by Fokus

Информациите за забави на Даунинг стрит во време на локдаун сѐ повеќе го загрозуваат британскиот премиер. Се подготвува извештај за сите прекршувања на правилата од страна на владата во текот на пандемијата.

Неговите политички противници веќе одамна прогнозираат дека Борис Џонсон самиот ќе си ја отвори вратата за пропаст со своето непочитување на обврските и правилата. Сега се чини дека аферата Партигејт драматично ќе го забрза крајот на Џонсон како премиер.

Но главниот проблем е што тој не е единствен непочитувач на мерките и протоколите пропишани од властите.

Во изминатите две години сведоци сме на прекршување мерки токму од страна на политичарите кои треба да се пример за останатите граѓани. Секако овие ситуации предизвикаа нервози па дури и протести бидејќи светските лидери станаа симбол за двојни аршини – гушкање, неносење маски, социјална дистанца.

ЕДНИ ПРАВИЛА ЗА ВЛАСТА, ДРУГИ ЗА НАРОДОТ

По последните извештаи за локдаун-забави на Даунинг стрит број 10, тој беше приморан да ја замоли кралицата Елизабета Втора за прошка – две од забавите се одржале во предвечерјето на погребот на нејзиниот сопруг, принцот Филип, во април минатата година.

Претходно Џонсон во парламентот призна дека присуствувал на забава во градината на Даунунг стрит во мај 2020 година и побара извинување. Сето тоа, како што тврди, го сметал за „работна средба“, за што беше „почестен“ со многу потсмев на Твитер.

Мнозинството Британци во меѓувреме се бесни и му вртат грб на својот премиер. Неговата партија, Ториевците, во истражувањата на јавното мислење заостанува десет проценти зад опозицијата.

Во Долниот дом на парламентот, северноирскиот пратеник Џим Шенон беше тој кому во текот на дебатата за Партигејт му навреа солзи на очите кога раскажуваше за смртта на мајката на неговата сопруга, која поради корона-рестрикциите починала сама.

Во истото време оние кои се забавувале на Даунинг стрит испратиле еден од соработниците да докупи вино во супермаркет со куфер на тркала.

„Едни правила за нив, други за нас“, гласи заклучокот на многу Британци. Она што ја прави аферата Партигејт толку опасна за Борис Џонсон е прекршувањето на принципот на фер однос.

Британските весници пишуваат дека во надлежното партиско тело веќе има 35 од 54-те писма кои се неопходни за да се гласа за доверба. Само сопствената партија може да го истера премиерот од функција – дали и кога тоа ќе го направи, е отворено.

Во кабинетот на Џонсон веќе се загреваат неговите можни наследници – министерката за надворешни работи Лиз Трас или министерот за финансии Риши Сунак.

СКАРА НА ПЛАЖА НА Г-7

Американскиот претседател Џо Бајден како и Ангела Меркел и други светски лидери беа обвинети за кршење на строгите правила за социјално растојание на Самитот на Г-7 во Корнвол кој се одржа во јуни минатата година, но до денеска никој не понесе одговорност и речиси и да се заборави овој скандал.

Учесниците се фотографираа со официјална фотографија каде држат растојание , но на другите фотографии беа прикажани порелаксирани сцени.

На забавата на организирана со скара за учесниците на Самитот на плажа, се сервираше стек и јастог, а имаше и музика.

Објаснувањето тогаш беше дека оние што биле на Самитот имале дневни тестови, а настанот се одржувал надвор.

Сепак, корисниците на социјалните мрежи споделија снимки и фотографии, обвинувајќи ги лидерите за непочитување на правилата.

 

 

 

РОДЕНДЕНСКА ЗАБАВА НА ОБАМА

Островот „Лозјата на Марта“ во САД во август минатата година имаше најголем пораст на заразени со коронавирус, по број на жители, а според пишувањата, причина за ова беше големата роденденска журка на поранешниот американски претседател Барак Обама.

Од 7 август, кога била организирана забавата, за 10 дена на овој остров беа регистрирани 158 нови случаи на зараза. Воедно тоа е најголем број заразени од избивањето на пандемијата, тврдат официјалните лица.

Како што пренесува локалниот весник „Винјард газет“ на островот има само една болница и од почетокот на пандемијата во неа се лекувани само двајца пациенти заболени од коронавирус се до оваа забава.

ОСТАВКА ПОРАДИ КОРОНА-ЖУРКА

Комесарот за трговија на ЕУ, Фил Хоган, во август минатата година поднесе оставка поради политичкиот скандал кој се случи околу неговата посета на вечера за голф со што ги прекрши ограничувањата за корона вирусот во Ирска. Хоган, како што јавуваат медиумите, ќе ја објави својата оставка на ирскиот радиодифузер РТЕ.

Негова одлука да се повлече од една од најмоќните работни места во Брисел претставува голем удар за Европската комисија затоа што Ирецот се сметаше за искусен политичар, со сериозна моќ за преговори.

Хоган (60), кој беше комесар во два мандати, првично избегна да се извини и остана на својата работа се додека не се појавија вести за настанот на друштвото за голф во ирските весници.

Неговата позиција стана сѐ понеизвесна по големото јавно негодување во Ирска дека високи политичари и судии ги кршеле правилата за корона вирусот додека очекуваат граѓаните да се држат до нив.

АВСТРИЈЦИТЕ БЕСНИ НА ПОЛИТИЧАРИТЕ

Во Австрија во ноември на сила беше строго заклучување поради корона вирусот. Сепак, политичарите на еден настан не ги почитуваа мерките, што предизвика остра критика од граѓаните.

Додека на сила е локдаун за сите граѓани на Австрија јавниот сервис ОРФ емитуваше хуманитарна емисија во живо „Светлина во темнината“, во која учествуваа политичари, кои беа без маска и без пропишана дистанца, што наиде на критика.

Фотографиите по емисијата предизвикаа бројни дискусии, а кабинетот на канцеларот Александер Шаленберг, , соопшти дека сите учесници имале валиден ПЦР тест и дека немало никаква журка.

Меѓу учесниците во емисијата, покрај Шаленберг, беа и претседателот на Австрија Александер ван дер Бален и вицеканцеларот Вернер Коглер.

С.Т.

Поврзани новости