Корона вирусот засега нема да ги одложи судењата, но ќе се редуцира јавноста

by fokus

Корона вирусот поради којшто се затворени сите градинки, училишта и Универизитети во земјава, засега нема да ги одложи тековните судења дури ни во Кривичниот суд во Скопје каде постојано е врвулица од странки, обвинети, обвинители, новинари.

Сепак, според информациите на „Фокус“, ќе бидат воведени мерки на претпазливост, а тоа ќе бидат: редуциран број на присуство на јавноста, стриминг, односно емитување во живо на судењата, употреба на простории кои се веќе физички одделени. Овие информации за тоа кои мерки на претпазливост ќе се преземат, засега се неофицијални, а деталите за тоа ќе ги соопшти Министерството за правда.

Министерот за здравство, Венко Филипче на последната прес – конференција соопшти дека ќе има состанок со министерката за правда за да разговараат на оваа тема.

Денешното рочиште за случајот „ТНТ“ беше одложено, но не по барање на судот, туку поради отсуство на една од обвинетите во овој случај, Елисавета Најдовска.

-Појаснуваме дека една од обвинетите денеска не беше присутна на судењето, а нејзиниот адвокат – Мерџан Даути, посочи дека обвинетата останала во нејзиниот дом бидејќи нејзиниот сопруг бил во контакт со лица кои сега се во изолација заради корона вирусот. Со оглед да не се исполнети условите да се одржи главната расправа, заради отсуство на една од странките, судот ја одложи расправата, а во меѓувреме ќе ги спроведе сите неопходни проверки согласно наводите на адвокатот и доколку се утврди дека се работи за неосновано одолговлекување на постапката ќе бидат презмени соодветни мерки, соопштуваа од Судот.

Од таму велат дека засега нема одложување на судењата, но не споменуваат никави мерки за претпазливост.

-Кривичниот суд се одржуваат сите судења за кои постојат законски услови истите да се одржат, а судот доследно ги почитува препораките на Владата за превенција од ширење на корона вирусот, велат од Судот.

Директорката на „Коалицијата сите за правично судење“, Натали Петровска го споделува примерот во Бугарија, односно како тамошното судство се справува со корона вирусот. Бугарскиот Врховен судски совет препорачува одлагање на јавните расправи/судења за еден месец.

-Идеја за нашите надлежни, имајќи предвид дека на пример веќе следнава недела три дена континуирано по ред е закажана јавна седница во Апелациониот суд Скопје за предметот “27ми Април”, предмет во кој има 30-тина обвинети, од кои некои од нив, со по неколку бранители. А ова е случај и со останатите високопрофилирани предмети иницирани од СЈО, каде што има поголем број на обвинети, бранители и сл, вели Петровска. Од Апелација велат дека јавната седница сепак ќе се одржи.

Во моментов во судот се одржува судењето за случајот „Рекет“, во којшто е обвинета специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева и Бојан Јовановски, а кој предизвикува голем интерес кај јавноста и новинарите.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости