За транспортерите – благодарам, за мерките – итност, за компаниите надеж дека Владата ќе ги искористи сите ресурси на државата за да ги одржи во живот, без разлика на цената што треба да се плати за тоа. Но најважно е да се спасат животите, да се задржи економската активност и да се земе здив за она што следува по кризата, зашто времето не ни е сојузник.
Изминатата недела здравствено-економската криза на површина исфрли една категорија многу значајна за бизнисот, но секогаш поставена настрана. Тоа е транспортот, без кој не е можно да се води бизнис, а особено транспортерите, кои се вистински херои изминатава недела. Не само затоа што во екот на најголемата криза беа на своите работни места низ Европа туку затоа што тоа го прават по стотипат, како жртви на балканските лудости и на срамната појава на почетокот на 21 век да се толелираат километарските колони на границите, без минимум хумани услови за нив.
Не знам колку пати досега сме се обидувале да го разрешиме овој срам за Балканот. Тоа е сизифовска мака на борба против злото наречено корупција затоа што друго образложение и не постои. Навистина е неверојатно сите да ја знаеме причината, сите да го знаеме решението, а некои „виши сили“ тоа да го спречуваат. И повторно, колатерална штета на тоа зло се возачите на камиони, кои мора со денови да се тормозат и да се малтретираат по балканските граници, затоа што нема хирург што ќе го отстрани метастазираното ткиво на балканската корупција, мито, несреденост, непрофесионалност и волунтаризам.
Затоа, во името на СКМ, на сите нив сакам да им искажам едно огромно БЛАГОДАРАМ, зашто тоа се луѓето што го одржуваат кревкиот бизнис во моментов во нашата држава. Без нивното ризикување, ставајќи ги своите животи во опасност, македонската економија неделава целосно ќе колабираше. Нема да е целосна констатацијата ако не кажам дека во целата таа операција на отворање на трите значајни коридори: Турција-Бугарија-Македонија, Војводина-Србија-Македонија и Словенија-Хрватска-Македонија, свој огромен придонес дадоа и највисоките претставници на власта во Македонија, директорите на загрозените претпријатија и, се разбира, СКМ. Таква организирана акција за отворање на коридорите, која на крајот резултираше и со спогодба со ЕУ, може да претставува само пример и охрабрување како треба да дејствуваме во натамошниот тек на кризата.
Но, позитивни оцени имам и за почетокот на работата на Кризниот штаб во СКМ. Очигледно е дека тоа беше вистински потег, кој во тој момент дојде како „кец на десетка“, затоа што оцената за првото неснаоѓање беше токму некоординираноста на сите субјекти што учествуваат во процесот на справување со кризата. На крајот на неделата можеме да констатираме дека Кризниот штаб во СКМ е веќе застанат на нозе, инфо-центарот во Владата функционира и дека е извршена потребната мобилизација во пресрет на донесувањето на новиот сет мерки, што треба директно да ја спасат македонската економија за да го преживее најтешкиот удар досега.
Вчерашната седница на Економскиот совет на Владата покажа дека почнува приближувањето на ставовите меѓу јавниот и приватниот сектор, што е добро, но изостанува брза и прецизна анализа од финансиски аспект на мерките, чии принципи се утврдени на првата седница на Економскиот совет. Бидејќи на добрите познавачи им е јасно дека ресурсите за анализа и за проценка се сконцентрирани во Народната банка и во Министерството за финансии, тогаш е јасно дека иднава недела тие мора да се стават стонастотно во погон. Без нивните анализи сите дискусии ќе бидат како во Хајт парк во Лондон, а не како основа за донесување правилни мерки. Конечно, на таков начин, професионализмот, стручноста и знаењето ќе дојдат до израз. Значи, ако треба во една реченица да се анализира изминатата недела, ќе искажеме една голема благодарност до сите што учествуваа во операцијата за отворање на коридорите за снабдување со суровини на нашите фабрики; одлична оценка за мобилизираноста и за дисциплината во спроведувањето на мерките за справување со кризата и желба конечно оваа недела да се обелоденат мерките и да почнат да даваат надеж на македонската економија. Од сѐ што гледам и што добивам како информација, убеден сум дека ќе направиме сѐ што е во наша моќ и на тој начин верувам дека последиците од кризата ќе бидат помали. П.С. Некогаш се тврдеше дека многупати повторуваната мисла не е баш најдобра солуција. Но јас сега мора да повторам неколку работи што предвидуваа некои состојби. Прво, не прочитав ниедна вест дека некој ја предвиде кризата, што значи дека треба да се подготвиме за живот во перманентна состојба на опасност, што е многу непријатен факт. Второ, дека почетниот концепт за мерките помеѓу јавниот и приватниот сектор е многу голем и дека е потребен дијалог, кој навистина се случи. Трето, дека нашата економија е посебно ранлива и поради тоа мора да има силно лидерство, кое ќе донесе крупни одлуки што немаат алтернатива. Она за што признавам дека сум изненаден е смиреноста кај врвот на државата, што секако е поттикнувачки за сите други субјекти и значајна новина кај нас, бидејќи паниката досега беше наше силно обележје. |