Познатиот композитор Григор Копров во разговор за ,,Фокус” вели дека е изненаден од лошите коментари кои се актуелни во јавноста по повод случајот со евровизиската претставничка Андреа, која вчера го фрли македонското знаме на земја. Појаснува дека според него, иако има 22 години, таа е се уште само дете, кое во тој момент без многу размислување направило еден гест, кој во никој случај не смее да се дозволи да и го уништи животот.
-Имам син и ќерка, размислувам како родител. Андреа е само дете, кое постапило непромислено, искрено верувам без зла намера. Зошто таква омраза, зошто ја ставија веднаш на ,,клада”, зошто сите овие негативни коментари?
Сигурен сум дека и таа се кае, а јавноста мора да сфати дека со овие коментари и напади се уништува нејзиниот живот. Тоа не смее да се дозволи во никој случај! Дури и одговорните од делегацијата, ако во тој момент биле покрај неа, како ќе можеле да претпостават дека таа инстинктивно ќе го фрли знамето? Тие не се во нејзината глава, никој за никого не може да претпостави што може да направи во одреден момент.
Еве јас, личен пример од пред неколку минути, ми падна чашата со вода, се истури. Се случи, секундарно, непланирано… Враќање назад нема, но не смееме да бидеме така лоши и полни со омраза –раскажува Копров.
Тој беше композитор на песната ,,Не зори зоро” на Владо Јаневски, со која Македонија го имаше првиот настап на Евровизија во 1998 година.
Вели дека бил во Бирмингем со делегацијата, и од сопствено искуство појаснува дека не може да се има целосна контрола над сите и над сечија постапка.
-Да не дозволиме овој непромислен гест да и се одрази на Андреа, на нејзиниот живот и иднина. Да ја препишеме оваа постапка на нејзината младост, и да се обидеме да бидеме подобри луѓе, да не бидеме толку лоши – порача композиторот.
По повод настанот, од МРТ за ,,Фокус” изјавија дека ќе има официјално соопштение околу конечната одлука, дали Андреа ќе биде повлечена и нема настапи на Евровизија, или пак ќе ја претстави Македонија на втората полуфинална вечер во вторник.
Вики Клинчарова